Архитекти
- Владимир Антонов(1882 - 1946)Владимир Антонов (роден 1882, Тамбов - 1946, Куманово) бил руски архитект кој поголемиот дел од својата кариера го поминал работејќи во Куманово, Македонија на почетокот на 20 век. Бил член на Белата гарда и станал бел емигрант во Кралството Југославија. Бил избран за општински инженер во 1925 година за спроведување на Првиот регулаторен план на Куманово од 1923 година. Негови позначајни објекти се занаетчискиот дом во Куманово (1930г.), општинска зграда во Куманово (1931г.), станбениот објект на фамилијата Икономови во Скопје (1922г.), станбен објект на Армагањан во Скопје (1930г.). Тој го изработил проектот за покривање на спортска сала (1930г.) чијшто автор бил белградскиот архитект Момир Коруновиќ. Се занимавал и со уредување на паркови.
- Иван Артемушкин(1886 - 1950)Роден е во Санкт Петербург, Русија, на 3 јануари 1886 година. Татко му Георгиј Артемушкин бил правник, додека мајка му Наталија била домаќинка. Своето школување го продолжува на Институтот за градежни инженери во Санкт Петербург, а по неговото дипломирање, во мај 1914 година почнува да работи како инженер архитект. Во меѓувреме стапува во брак со Ксенија, а во 1916 година се раѓа нивната единствена ќерка Наталија. По Октомвриската револуција, голем дел од руската буржоазија бега низ различни делови од светот, вклучувајќи го и тогашното Кралство СХС. Тука тие формираат заедници, наречени руски колонии, а државата им дава статус на резиденти и дозволи за работа. На тој начин, Артемушкин, заедно со фамилијата, се сели во Скопје, во 1920 година, каде што му е одобрена цивилната инженерска пракса во Скопје на 23 август истата година. Набргу се вработува во инженерското одделение на третата армиска област, а потоа во 1922 година, неговото име се среќава како инженер во скопската општина. Во почетокот на 1930 тите добива лиценца да оствари свое техничко биро, кое е сместено во пасажот Ароести бр 10. Знаеме дека соработува и со други познати скопски градители, како Борис Дутов, со кој биле и фамилијарни пријатели. Во следниот период станува еден од најпознатите архитекти во градот, за што се доказ големиот број проектирани и реализирани објекти, кои, според досиејата на техничкото биро на Артемушкин, броеле до 694 проекти. Неговиот опус е претежно во Скопје, но среќаваме и проекти за палати во Охрид и во Ниш, што укажува дека градел и низ регионот. Артемушкин, во 1935 година го проектира и својот дом, како помала модерна куќа, доволна за него, сопругата и ќерката. Таа била сместена на улицата Вук Караџиќ (денес улица Бенешева), во населбата Буњаковец, спроти денешната грчка амбасада. Овој регион од градот доживува многу трансформации во следните децении, поради кои денес не среќаваме никакви траги од оригиналната градба, ни докази дали била изведена. Неговото самостојно творештво значително се намалува со почетокот на Втората светска војна, а по неа работи во архитектонското одделение во Министерството за градежни, во првата влада на Македонија. Во 1948 година, веројатно поради политички причини, заедно со семејството заминува во градот Велико Трново во Бугарија и со тоа неговата градителска дејност во Скопје официјално завршува. Артемушкин починал во 1950 година во Пловдив, а фамилијата подоцна се сели во Париз. Неговата ќерка Наталија, подоцна Маслова, исто така станува инженер и продолжува да живее во Франција до почетокот на 2000 тите. Преку нејзиниот допис со проф. Константиновски, таа раскажува за нејзините подоцнежни посети на Скопје, палатата Рубен и Арапска куќа.
- Рудолф ВоштаПо националност бил Чех. Живеел на ул. „Венец на цар Душан“ (бул. „Св. Климент Охридски") во Скопје. Бил овластен инженер и имал сопствено биро. Се занимавал со проектантска дејност. Проектирал поголем број индивидуални семејни куќи и повеќесемејни станбени објекти. Негови позначајни реализации во Скопје се куќа на Риста Т. Јаникиевиќ - Пота (1922г.), куќа на Александар Томовски (1923г.), куќа на Доротеј Стојановиќ (1924г.), куќа на Милан Андоновиќ (1925г.), куќа на Милош Благоевиќ (1925г.), куќа на Добривое Дициќ (1925г.), индивидуалната семејна куќа (1927г.), куќа на Велко Трајковиќ (1930г.), станбен објект на Петковска, Си-миќ и Христов (1931г.).
- Велимир ГавриловиќЖивеел во Белград. Работел во Проектантското биро на Генералната дирекција на железницата. Проектирал објекти во функција на државната железница. Негови проекти се железничката станица од 1938 година во Скопје (урната во земјотресот во 1963 година), болница на болничкиот фонд за државниот сообраќаен персонал од 1939 година во Скопје. Бил советник во „ГО на Генерал-на дирекција на државните железници" во Белград.
- Стефан Гајдов
- Славко К. Гајдов
- Никола Герд.
- Ѓорѓи ЃурчиновиќЖивеел и работел во Скопје до 1932 година. Во 1933 година се преселил во Охрид каде што како овластен градежен инженер имал сопствено биро. Проектирал објекти од областа на домувањето. Се занимавал и со изведување на објекти. Негови позначајни проекти се индивидуалната семејна куќа на Паунковски од 1931 година во Охрид, индивидуалната семејна куќа 1930 година на семејството Ѓурчинови во Охрид, индивидуалната семејна куќа, 1932 година на фамилија Томовиќ во Скопје.
- Јан Дубови(1892 - 1969)Јан Дубови (Лажце, Австро-Унгарија, 9 февруари 1892 - Либерец, Чехословачка, 19 август 1969) бил чешки и српски архитект. Студирал архитектура во Прага под водство на истакнатиот чешки архитект Јозеф Фанта (творец на Главната железничка станица во Прага). Во 1922 година се преселил во Белград во тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, каде што почнал да работи во студиото и канцеларијата на друг чешки архитект, Матеј Блеха. Сепак, не работел таму долго. По некое време се вработил во дизајнерското биро на градот Белград, каде што работел како архитект и дизајнер. Ја вовел идејата за модернизмот за тогашната српска и југословенска архитектура, но работел и на урбаниот развој на српската метропола, која била заинтересирана да добие репрезентативна форма на новоформираната држава. Заедно со неколку локални архитекти, ја основал Групата на архитекти од модерната насока (GAMP). Во 1934 година го напуштил Белград за Скопје, а подоцна за Битола, каде што проектирал неколку станбени куќи. За време на Втората светска војна живеел на Балканот (некое време живеел во Крушевац и Ниш), по конфликтот се вратил во Чехословачка, предавал во средно училиште во Либерец. Работите што ги извршил Јан Дубови вклучуваат Белградската опсерваторија, Словачката евангелистичка црква во селото Остојќево и вилата на Аркадиј Милетиќ. Најпозната е по реставрацијата на Цветниот плоштад, кој се наоѓа помеѓу авенијата Теразије и плоштадот Славија. За време на својот престој во Скопје проектирал повеќе индивидуални семејни куќи. Во Битола проектирал основно училиште, споменик на рускиот конзул Ростовски, планинарски дом на Пелистер.
- Борис ДутовБорис Дутов бил руски емигрант. Се јавува како значаен претставник на групата градители кои твореле во периодот меѓу двете светски војни во Скопје. Бил овластен градежен инженер и имал сопствено биро. Се занимавал претежно со проектирање на станбени објекти и тоа како на индивидуални семејни куќи, така и на повеќесемејни станбени згради. Се смета за еден од најплодните градители во Скопје во периодот меѓу двете светски војни. Проектирал објекти и од стопански и трговски карактер. Со своите градби оставил впечатлив белег на градската архитектура во Скопје. Од богатиот творечки опус негови позабележливи реализации во Скопје се станбениот објект од 1922 година на браќата Икономови, индивидуалната семејна куќа во 1924 година на Михаило Антовиќ, индивидуалната семејна куќа од 1925 година на Трајан Анѓелковиќ, индивидуалната семејна куќа од 1925 година на Трајко Анчевиќ, индивидуалната семејна куќа од 1925 на Милосав Живиќ, индивидуалната семејна куќа од 1925 на Миле Јанковиќ, магацинот на шест нивоа од 1928 година на Х. Ароести, индивидуалната семејна куќа, 1931 година на Богое Армагањан, индивидуалната семејна куќа, 1938 година на Ѓорѓе Симоновиќ.
- Кирил Жерновски(1897 - 1972)Кирил Жерновски (роден на 21 октомври 1897 година во Дебар - починал на 28 декември 1972 година во Скопје) - македонски градежен инженер и редовен професор на Градежниот факултет во Скопје во периодот од 1961 до неговото пензионирање во 1967 година по предметите Фундирање, Геомеханика и Организација на градежните работи. Дипломирал на Техничкиот факултет во Загреб во 1927 година. По дипломирањето работел како државен службеник до 1931 година, кога го положил испитот за овластен инженер, а од таа година до 1941 работел како овластен проектант во Скопје. Во периодот од 1941 до 1944 година работел како стручно лице во општинската служба (1941/42) и како приватен овластен проектант. Во 1944 година бил назначен за директор на Железницата на НРМ, а потоа цела година (1946/47) бил директор на првото Проектантско биро „Пробиро" во Скопје. Од 1947 до 1949 година бил именуван за помошник министер во Министерството за градежништво. Во 1949 година бил избран за член на Матичната комисија за основање на Техничкиот факултет во Скопје. Во 1949 година бил избран за вонреден професор по предметот Фундирање на Техничкиот факултет, каде што се наоѓал до исполнувањето на својот работен стаж, кога како редовен професор се повлекол во 1966 година. Во периодот од 1931 до 1941 година проектирал објекти од високоградбата. Во овој период изработил многу проекти за индивидуални семејни куќи, повеќекатни станбени згради и фабрички објекти. Од 1949 година кога бил избран за наставник на Техничкиот факултет, до крајот на својот работен век се посветил на изработка на студии и проекти за објекти од областа на ползувањето и одбраната од води. Исто така работел на фундирањето и на механиката на почвата за голем број на објекти. Бил декан на Техничкиот факултет во Скопје во периодот 1950-1952 година. За својата плодна активност на полето на градителството бил повеќепати наградуван. Бил одликуван со Орден на трудот од ІІ ред. Од неговото творештво на архитектонско поле позначајни објекти во Скопје се 1927 индивидуалната семејна куќа, 1927 година на Илија Јовановиќ, индивидуалната семејна куќа, 1931 година на Гиго Алексиќ, станбениот објект, 1932 година на Јаков Талви, фабриката „Алкалоид", 1935 година на Софрони и Филип Огњанови, станбениот објект, 1937 година на Кирил Жерновски, индивидуалната семејна куќа, 1938 година на Бошко Буњак, индивидуалната семејна куќа, 1940 година на Јован Ѓорѓевиќ, станбениот објект, 1940 година на аголот од ул. „Ленинова" и „Димитие Туцовиќ".
- Милан Злоковиќ(1898 - 1963)Милан Злоковиќ е роден во 1898 година во Трст (Италија), во српско поморско семејство од Бока Которска; татко му Ѓуро бил поморски капетан и командант на брод во трговската флота Лојд. По дипломирањето на германското основно училиште и средното училиште каде што науката и современите јазици се нагласуваат во наставната програма) во Трст, Милан Злоковиќ започнал студии по инженерство на Вишата техничка школа во Грац (Австрија) во 1915 година. Во мај следната година, тој ги прекинал студиите по Првата светска војна откако бил мобилизиран во Австроунгарската војска. По демобилизацијата, тој одбил да прифати италијанско државјанство, па во 1919 година се преселил во Кралството Срби, Хрвати и Словенци и ги продолжил студиите во Белград. Дипломирал на Архитектонскиот оддел на Инженерскиот факултет, Универзитет во Белград во 1921 година. По дипломирањето во 1922-23 година, отишол во Париз како стипендист од Француската влада, а подоцна и како стипендист на Министерството за образование на Кралството Срби, Хрвати и Словенци. Таму студирал на École Nationale Supérieure des Beaux-Arts и редовно посетувал курсеви по цртање на Академијата де ла Гран Шомјер. Во 1923 година, Злоковиќ се вратил во Белград, каде што започнал да работи како асистент на Архитектонскиот оддел на Инженерскиот факултет (подоцна Архитектонски факултет, Универзитет во Белград). Неговата академска кариера продолжила до неговата смрт, а во 1952-54 година бил декан на Архитектонскиот факултет. Покрај академската кариера, активно работел во своето архитектонско студио до 1941 година, учествувајќи на архитектонски натпревари на кои освоил околу 20 награди и 16 откупи. Во својата приватна пракса, Злоковиќ реализирал околу 40 објекти - од приватни куќи и вили до големи јавни згради. Заедно со архитектите Бранислав Којиќ, Душан Бабиќ и Јан Дубови, во 1928 година ја основал Групата на архитекти од модерната насока во Белград, што значително придонела за воспоставување на дискурсот на модерната архитектура во Србија. Во повоениот период, неговата приватна пракса престанала да работи поради новите општествено-политички околности, иако продолжил да учествува на архитектонски натпревари во периодот 1960-65 година, со својот син Ѓорѓе и ќерката Милица, исто така архитекти, реализира два исклучително важни проекти со употреба на модуларна координација. Во овој период се фокусирал на теоретски трудови од областа на пропорциите и модуларната координација во архитектурата и објавил неколку научни трудови на оваа тема. Ја добил наградата „Седми јули“ на Република Србија за животно дело во 1963 година. Милан Злоковиќ починал во 1965 година во Белград.
- Драго Иблер(1894 - 1964)Драго Иблер (14 август 1894 – 12 септември 1964) бил хрватски архитект и педагог. Неговиот стил може да се опише како чиста едноставност и функционална архитектура. Иблер е роден во Загреб и дипломирал архитектура на Техничката висока школа во Дрезден, Германија. Се запознал со Ле Корбизје и „L'Esprit Nouveau“ во Париз. Потоа студирал од 1922 до 1924 година на Државната академија за уметности во Берлин, во студиото на германскиот архитект Ханс Пелциг, што влијаело врз неговата работа во текот на 1920-тите. Драго Иблер бил силен поддржувач на општествените идеали на модерната архитектура, како и на естетиката, и ја основал Групата Земја (хрватски: Grupa Zemlja), со група левоориентирани прогресивни уметници. Тој бил и член на CIAM. Неговата работа била одговорна за воведувањето на лентести прозорци и други елементи од архитектурата на Ле Корбизје во Југославија. Во 1926 година, Драго Иблер станал професор по архитектура на Загрепската академија за ликовни уметности. За време на неговиот престој таму, Иблер дизајнирал вили на островот Корчула и во Загреб, неколку индустриски згради и зградата на Окружното осигурување на трудот во Скопјe (1932). Ја напуштил Загрепската академија во 1941 година и се преселил на Универзитетот во Женева, Швајцарија. Се вратил во Загреб во 1950 година и ја продолжил својата поранешна позиција на Загрепската академија. Дизајнирал уште многу згради во Загреб, вклучувајќи неколку станбени блокови и резиденција за Тито. Исто така, изработил дизајни за потенцијална оперска куќа и амбасада, иако тие никогаш не биле изградени. Иблер починал на 70-годишна возраст во сообраќајна несреќа во близина на Ново Место, Словенија.
- Драгутин ИлиќДрагутин Илиќ живеел и работел во Скопје. Бил овластен инженер-претприемач и имал техничко претпријатие на ул. „Ленинова“, бр. 80 во Скопје. Се занимавал со проектирање на индивидуални станбени куќи. Негови проекти во Скопје се индивидуалната семејна куќа, 1932 година на Радмила Ванчетовиќ, индивидуалната семејна куќа, 1933 година на Анѓа Кастелони, индивидуалната семејна куќа, 1933 година на Добрила Стојановиќ, индивидуалната семејна куќа, 1936 година на Ружа Видовиќ, Лекарска комора, 1936 година, индивидуалната семејна куќа, 1937 година на Бранислава Мијатовиќ, станбениот објект, 1937 година на Драгољуб Аврамовиќ.
- Момир Коруновиќ(1883 - 1969)Момир Коруновиќ, бил српски архитект поврзан со српско-византиската преродба. Понекогаш бил нарекуван српски Гауди. Иако дизајнирал многу згради во Белград и Југославија помеѓу двете светски војни, денес е во голема мера заборавен. Многу од неговите дела биле уништени или значително изменети за време на Втората светска војна и периодот на комунистичката диктатура. Момир Коруновиќ е роден на 17 април 1883 година во Јагодина, Србија. Тој израснал во селото Глоговац, каде што неговиот татко, Прота Петар Коруновиќ, служел како свештеник. Коруновиќ го завршил своето високо образование во Белград, а потоа завршил постдипломски студии на Чешкиот технички универзитет во Прага, финансирани со стипендија од Министерството за образование на Србија. За време на студиите, тој формирал препознатлив личен стил кој ќе продолжи да го развива во текот на целата своја кариера. Коруновиќ го изградил белградскиот градски центар за физичка култура „Стари ДИФ“, кој се наоѓал на улицата Делиградска во општина Савски Венац. Проектот бил изграден за потребите на Соколското друштво „Матица“ помеѓу 1929 и 1936 година. Тој, исто така, дизајнирал стадион („Сокол стадион“) за манифестацијата Сокол во Белград во 1930 година. Стадионот се наоѓал на местото на денешниот Машински факултет. Стадионот сместувал околу 40.000 гледачи. Имал засводени влезови, четири за публиката и три за спортистите. На северната страна имало музички павилјон во форма на засводена трибина, со кули во позадина, украсени со симболите на сесловенското соколско движење. На јужната страна се наоѓала кралската ложа. За овој проект, тој бил награден со Орден на Свети Сава. Зградата на Сеизмолошкиот институт и Поштенско-телеграфскиот музеј се исто така дело на Момир Коруновиќ, како и многу цркви, споменици (на пример, Зебрњак и Спомен-костурницата, Мачков камен) и други истакнати згради, со вкупно 143 авторски проекти. Во 1922 година, на Коруновиќ му била доверена задачата да ја реновира канцеларијата на маршалот на југословенската кралска палата, за да биде погодна за гостите што доаѓаат во Белград за кралската свадба на кралот Александар I Караѓорѓевиќ и принцезата Марија од Романија. Полукружните крила биле задржани за сместување, додека остатокот од зградата му бил доделен на маршалот на дворот. Зградата била срушена во 1953 година, бидејќи го блокирала погледот на Парламентот. Старата пошта е исто така до непрепознатливост изменета. Новите, комунистички власти, ја сметале нејзината фасада за „премногу буржоаска“, па затоа ги отстраниле остатоците од фасадата и ја реконструирале само скелетна архитектура под неа, што одговарало на поедноставениот стил што го промовирала владата во непосредниот повоен период. Покрај тоа што работел во државната служба како владин службеник во Министерството за градежништво, Коруновиќ бил и истакнат член на пансловенската организација Сокол. Тој бил раководител на белградското соколско друштво „Матица“ и бил одговорен за изградба на околу триесет згради на соколското движење во Србија. Во 1926 година, тој бил најмладиот член на комисијата за изградба на црквата Свети Сава. Учествувал на изложбата „Салон на архитектурата“ во 1929 година. Меѓу многуте одлични архитекти од таа ера, претежно архитекти на модернизмот, тој бил претставник на традиционалната архитектура и романтизмот. За време на окупацијата на Кралството Југославија, тој продолжил да работи во министерството. Се пензионирал во 1942 година. По војната, ги поминал пензионерските денови во својата куќа во Врачар, каде што најчесто ги пишувал своите мемоари и илустрирал претходни публикации. Починал на 17 април 1969 година во Белград. Погребан е во селото Богава.
- Фердо КраусФердо Краус живеел и работел во Скопје. Сe jaвува како овластен градител на поголем број индивидуални куќи за живеење, но се занимавал и со проектирање и изведба на објекти од поинаков архитектонски карактер. Негови проекти во Скопје се двојната куќа, 1924 година на Ристо Железаров и Глигор Јованов, трговско индустриската банка, индивидуалната семејна куќа, 1933 година на Лука Ѓорѓевиќ, индивидуалната семејна куќа, 1933 година на Спасенија Кузнецова, индивидуалната семејна куќа, 1935 година на Тома Ничота, индивидуалната семејна куќа, 1940 година на Петар Милосављевиќ.
- Петар и Бранко КрстиќБраќата Крстиќ (Петар, Белград, 24 декември 1899 - Белград, 1991; Бранко, Белград, 15 декември 1902 - Белград, 1978) биле српски архитекти и универзитетски професори. Тие твореле во повеќе стилови, а нивните проекти реализирани во српско-византиски стил се особено значајни. Петар Крстиќ дипломирал на Техничкиот факултет во Белград во 1924 година. Тој бил редовен професор по предметот архитектонски конструкции. Неговиот помлад брат Бранко дипломирал во 1927 година, од 1949 до 1959 година на истиот факултет, бил доцент по архитектонско цртање. И двајцата имаат напишано учебници по своите предмети. Браќата Крстиќ биле и професори на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград. Петар и Бранко Крстиќ ги започнале своите кариери со награден проект за Југословенскиот павилјон на изложбата во Филаделфија во 1925 година, а потоа со награденото решение за храмот Светосава во 1927 година. Тие припаѓале на група архитекти од модерниот правец, а нивната заедничка работа вклучува десетици проектирани и изградени згради, меѓу кои се палатата на Аграрна банка, црквата Свети Марко и Игуменската палата.
- Димитрије М. Леко(1887 - 1964)Димитрије М. Леко (Белград, 20 мај 1887 – Белград, 23 октомври 1964) бил српски архитект, професор и декан на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград. Роден е од татко Марко, професор по хемија и ректор на Велика школа, и Даница, родена Антула. Завршил основно училиште, а потоа и Третата белградска гимназија во Белград во 1905 година. Потоа студирал архитектура во Белград и Карлсруе, каде што дипломирал во 1912 година. Учествувал во Втората балканска војна и Првата светска војна. Во 1913 година бил вработен во Министерството за градежништво, каде што работел до 1933 година како проектант на јавни згради. Во 1933 година бил избран за вонреден професор на Одделот за архитектура на тогашниот Технолошки факултет на Универзитетот во Белград, по предметот Јавни згради. Втората светска војна ја поминал во германско заробеништво. Во чин редовен професор бил унапреден во 1946 година. Бил декан на Архитектонскиот факултет од 1954 до 1956 година. Се пензионирал во 1957 година. Неговото најзначајно архитектонско дело е зградата во која се наоѓа Министерството за социјална политика и јавно здравје во Белград, изградена во 1932–1933 година. Негово дело е Домот на Здружението на набавки на државни службеници во Белград (1928–1929). Објавил и теоретски трудови од областа на архитектурата.
- Михаил МатвејевМихаил Матвејев бил руски емигрант. Живеел и работел во Скопје. Бил овластен градежен инженер. Имал сопствено биро и се занимавал со проектирање на куќи за живеење и со реконструкции на објекти од поголем обем. Тој ја извршил реконструкцијата на фабриката за алкалоиди во Скопје којашто била сопственост на Софроние и Филип Огненовиќ. Бил оженет за Македонка и имал син и ќерка. Негови проекти во Скопје се индивидуалната семејна куќа на Славко Стефановиќ, 1936 година, индивидуалната семејна куќа на Петар Божиќ, 1936 година, станбениот објект на Бемко Коломонос, 1937 година, индивидуалната семејна куќа на Симеон Мартиновски, 1937 година, индивидуалната семејна куќа на Стојан Ацевиќ, 1937 година, станбениот објект на Јован Велиќ, 1937 година, индивидуалната семејна куќа на Ристо Јорданов Лазов, 1939 година. Загинал во сообраќајна несреќа на мостот кај Сарај во Ѓорче Петров во 1946 година.
- Јосиф Михајловиќ(1888 - 1941)Јосиф Михаиловиќ (Тресонче, 15 април 1887 - Скопје, 11 март 1941) бил архитект, интелектуалец, дипломат, народен работник, градоначалник на Скопјe од 1929 до 1936 година и од 1939 до неговата смрт во 1941 година. Тој е најзаслужен за трансформацијата на Скопјe од ориентален, турски град во модерен, европски град. Води потекло од семејство кое традиционално се занимавало со градителство. Неговиот татко го извел објектот на Машката гимназија во Скопје. Живеел во бурно време на војни. Учествувал во Балканската војна против Турците (1912), а потоа и во Првата светска војна (1918). Дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничката висока школа во Белград во 1910 година. Студирал урбанизам во Англија. Во САД студирал и работел како архитект на својата струка 10 години. По враќањето од САД се јавува како коосновач на белградската фирма „Феникс" и бил вклучен во изградбата на железничките пруги Ужице-Сараево и Велес-Прилеп. Во 1929 година бил назначен за претседател на Скопската општина каде што останал на должност до 1936 година. По мал прекин повторно ја презел истата функција на која останал до крајот на својот живот. За време на својот, речиси, десетгодишен мандат целата своја активност ја насочил кон изградбата на Скопје и неговото комунално уредување. Во почетокот на својата кариера во 1929 година го изработил Генералниот регулационен план на Скопје според идејниот проект на белградскиот архитект Димитрие Т. Леко од 1914 година и извршил геодетски премер на градот. По усвојувањето на Планот од 1930 година се посветил на реализација на своите замисли. За тогашните потреби на Скопје од електрична енергија ја изградил термоцентралата под Кале. Свесен дека градот може стопански да се развива во иднина само ако има доволно електрични извори, тој ја започнал изградбата на хидроцентралата Матка. За таа цел претходно ја изградил браната на реката Треска. Во тој период започнала и изградбата на водоводот Рашче што претставувало исклучителен градителски комунален потфат. За време на неговиот мандат биле изградени четири основни училишта, меѓу кои „Цар Душан" („Гоце Делчев") и „Његош" (урнати од земјотресот). Потоа биле изградени голем број капитални објекти како што се Народното собрание, Општинската зграда, Градската болница, Хигиенскиот завод, Заводот за социјално осигурување на работниците, Железничката станица, Народната банка, Трговско-индустриската комора (денешен „Метропол"), Лекарската комора, Вакувската дирекција, Дет-скиот дом „Крал Александар", Студентскиот дом „Крал Петар", Домот на милосрдни сестри, Домот на пријателите на Франција, двете спортски сали, Домот на Аграрната заедница, Домот на Сојузот на инженерите и архитектите, Конзервната фабрика „Вардар", како и двата бетонски моста на реката Вардар. Со цел да се заштити Скопје од поплавите од водите на Вардар го изградил насипот во градскиот парк и истовремено извршил регулација на реката Серава што ги поплавувала населбите Чаир и Топаана. Се занимавал и со архитектонско проектирање. Негови проекти се зградата на Црвениот Крст во Скопје, 1930-1039 година, сопствената индивидуална семејна куќа под Кале, 1938 година, Јавната берза на трудот во Скопје, 1938 година, фабриката за текстил на патот за Куманово, во индустриската зона на Скопје, 1939 година.
- Кирило Хаџи Наковиќ
- Богдан Несторовиќ(1901 - 1975)Богдан Несторовиќ (Белград, 28 април 1901 - Белград, 28 декември 1975) бил српски архитект, автор и универзитетски професор. Особено бил вклучен во подготовката на планот на храмот Свети Сава, во комбинација со придонесот на Александар Дерок, за кој бил главен одговорен архитект од 1935 до 1941 година. Како дизајнер, тој проектирал неколку познати белградски згради. Таткото на Богдан бил познатиот архитект Никола Несторовиќ. Богдан Несторовиќ студирал архитектура во Белград во 1923 година. Потоа студирал во Париз, каде што работел и во големи архитектонски бироа. По враќањето во Кралството Срби, Хрвати и Словенци, работел помеѓу 1926 и 1930 година во архитектонската фирма „Архитект“. Во 1930 година бил избран за асистент на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград. Тоа останало негова работа со полно работно време до неговото пензионирање. На универзитетот предавал дизајн на станбени згради, како и стил и архитектонска историја. Во 1971 година, ја добил наградата „Седми јули“ за своето животно дело. Пред Втората светска војна, Несторовиќ победил на два архитектонски натпревари, 1931-33 година. Дом на занаети (подоцна Радио Белград) и во 1938 година на зградата на ПРИЗАД (подоцна ТАНЈУГ). На вториот тендер за изградба на храмот Свети Сава во 1926-27 година ја добил втората награда. Комисијата утврдила дека конечниот проект треба да се реализира со спојување на неговиот нацрт и оној на Александар Дерок. Понатамошниот развој се одвивал до 1934 година. Од 1934 до 1941 година, Несторовиќ бил одговорен за изградбата на црквата како главен архитект, која била прекината од Втората светска војна, по што изградбата била забранета од Комунистичката партија на Југославија, што траело до 1984 година. Следејќи ги општите упатства, Несторовиќ и Дерок биле наследени од Бранко Пешиќ. Несторовиќ е автор на бројни студии за историјата на архитектурата. Таа опфаќа студии од антиката до 19 век. Класиката е „Архитектурата на Србија во XIX век“ (Архитектурата во Србија во 19 век). Книгата го прикажува целиот стилски развој на архитектурата во Србија со нејзиниот стилски премин од источно-исламското наследство кон моделот на западната архитектура. Несторовиќ е Нестор на архитектонската историја преку неговата колекција стари фотографии од згради во Србија. Неговата колекција денес се чува во Српската академија. 12-те банки изградени од Несторовиќ се значајни за развојот на српската архитектура. Во Белград, тој бил дизајнер на голем број станбени згради до Втората светска војна. На пример, куќата на Витомир Константиновиќ на ул. Краља Милана 3 (1926-27). Се јавува и како автор на Народна банка во Битола, Народна банка во Скопје, која е разурната од земјотресот во 1963 година и станбен објект во Скопје.
- Милан М. НиколиќМилан М. Николиќ живеел и работел во Крушевац, Србија. Бил овластен градежен инженер и имал сопствено биро. Покрај тоа што се занимавал со проектирање на објекти од областа на домувањето, се занимавал и со изведба. Во 1939 година изградил сопствена куќа на ул. „Кнез Милош" („Борка Талески"), бр. 77 во Скопје и како инженер претприемач отворил биро на ул. „Доситеева" („Ѓуро Стругар"), бр. 30 во Скопје. Негови проекти во Скопје се индивидуалната семејна куќа на Анѓа Кастеланиќ, 1928 година, станбениот објект на Риста Јаникиевиќ, 1931 година, индивидуалната семејна куќа (П+1) на Лефтерија Поповиќ, 1932 година, индивидуалната семејна куќа на Јанко Шкаперда, 1933 година, станбениот објект на Онче Андоновиќ, 1934 година, индивидуалната семејна куќа на Душан Јовановиќ, 1936 година.
- Исаило Јов. Николиќ
- Коста Новаковиќ
- Миладин ПеќинарИзградбата на брана на реката Треска од 1935-1938 година била обемна и бил колективен потфат, капитален проект на своето време, но најзаслужен за нејзината изградба е архитект Миладин Пеќинар идејниот автор на проектот, проектант и човекот што вршел надзор на изградбата. Кога браната била готова Пеќинар застанал на нејзиниот врв и извикал: „Ако отиде браната нека отиде со неа и тој што ја замислил“.
- Методија Петков(1910 - 1984)Методија Петков (Битола, 13 февруари 1910 - Скопје, 4 јуни 1984). Дипломирал на Градежниот отсек при Техничкиот факултет во Белград во 1934 година. Од 1935 до 41 година бил општински инженер во Битола, каде што работел на проектирање и изведба на објекти од ниско и високоградба. Од крајот на 1944 година се вработил во новоформираното Министерство за градежништво во Скопје каде што раководел со секторот за обнова на земјата. Во 1946 година го организирал Градежното претпријатие „Скограп" кога ги изградил петте четирикатни станбени објекти до гимназијата „Јосип Броз Тито" и училиштата за малцинствата во Скопје. Во истата година ја отпочнал и изградбата на Министерството за внатрешни работи во Скопје . Во 1947 година како раководител на градилиште во Градежното претпријатие „Феграп" од Скопје ги градел објектите на Металскиот завод Тито во Скопје. По расформирањето на „Феграп" го основал градежното претпријатие за изградба на хидроцентрали и далекуводи „Светлост“ од каде што ја организирал изградбата на хидроцентралите „Зрновка", „Даешница", „Песочани", „Сапунчица" и Калиманци". Од 1952 година кога се формирало Градежното претпријатие „Бетон" работел во него до 1960 година. Од 1960 година работел во Заводот за испитување на материјали како виш научен соработник се до истекот на неговиот работен стаж во 1975 година.
- Милорад Петровиќ
- Николај ПодгаинНиколај Подгаин бил руски емигрант кој по Октомвриската револуција се преселил во Југославија. Бил распореден на работа во Битола. Проектирал повеќе индивидуални семејни куќи и вили. Негов проект е вилата „Маедраг" на Илија Србинов кај месноста „Црн Мост" во Битола проектирана во 1937 година.
- Бранислав ПротиќБранислав Протиќ живеел и работел во Скопје. Бил овластен инженер и имал сопствено биро. Претежно проектирал индивидуални куќи за живеење, но и објекти од нестанбен карактер. Негови објекти во Скопје се индивидуалната семејна куќа на Владимир Исаков, 1928 година, индивидуалната семејна куќа на Димитар Сапунџиќ, 1931 година, индивидуалната семејна куќа на Ставре Јовановиќ, 1931 година, индивидуалната семејна куќа на Коце Игњатиќ, 1932 година, индивидуалната семејна куќа на Ѓорѓе и Матеја Аксенови, 1933 година, индивидуалната семејна куќа на Вуко Секулиќ, 1935 година, индивидуалната семејна куќа на Стојан Петровиќ, 1936 година, станбениот објект на бул. „Св. Климент Охридски", 1936 година, станбениот објект на Димитар Кузмановиќ, 1936 година. Се занимавал и со претприемништво. Тој го извел заштитниот насип од поплави покрај реката Вардар до улицата Ленинова во Скопје.
- Ѓорѓе Ристиќ(1909 - 1967)Ѓорѓе Ристиќ (Пожаревац, Србија, 1909 - Белград, 1967). Студирал во Белград (1927-1930) и во Париз (1931-1932). Работел во Техничката дирекција на скопската општина во периодот меѓу двете светски војни. Бил овластен инженер за архитектура и се јавува како проектант од општ профил. Проектирал објекти од различен карактер. Во 1936 годна ја извршил реконструкцијата на Даут Пашин Амам во Скопје за потребите на Галеријата. Негови позначајни реализации во Скопје се индивидуалната семејна куќа на Јосип Ајншпилер, 1934 година, Конак-ресторанот на езерото Треска, 1937 година, Основното училиште во населбата „Црниче", 1937 година, Основното училиште „Кочо Рацин", 1938 година, објектот на „Брза помош", 1938 година, индивидуалната семејна куќа на Драгољуб Милојковиќ, 1939 година, станбениот објект на Катерина Папатеодоси, 1939 година, индивидуалната семејна куќа на Коста Антовиќ, 1939 година, индивидуалната семејна куќа на Сулејман Али, 1939 година, индивидуалната семејна куќа на Димитрие Илиќ, 1939 година, индивидуалната семејна куќа на Милица Јовановиќ, 1939 година, индивидуалната семејна куќа на Стојан Купенковиќ, 1939 година, индивидуалната семејна куќа на Иснија Чоровиќ, 1940 година, индивидуалната семејна куќа на Ристо Миленковиќ, 1940 година.
- Борче М. Ристиќ
- Вангел Самарџиќ(1892 - 1986)Вангел Самарџиќ (Воден, 1 декември 1892 - Скопје, 1986). Дипломирал на Градежниот отсек при Техничкиот факултет во Белград во 1921 година. Од 1921 до 1926 година бил вработен во Градежната секција при Министерството за градежништво во Битола. Од 1927 до 1941 година како сопственик на градежната фирма „Гранит" во Битола се занимавал со проектирање и изведба. Во тој период проектирал повеќе индивидуални семејни куќи, меѓу кои и индивидуалната семејна куќа на адвокатот Атанасие Сотировиќ од 1937 година. Бил претседател на градот Битола од 1934 до 1935 година. Во тој период биле реализирани повеќе значајни зафати како Градскиот парк, уредувањето на приодите до железничката станица, уредувањето на воените германски гробишта од Првата светска војна со приодниот пат до нив (за што бил одликуван од германската влада со орден „Железен крст"). По ослободувањето на земјата работел на обновата на железниците и мостовите (1945-1946). Во 1946 година се вработил во „Феграп" каде што раководел со изведбата на хидроелектраната „Сапунчица". Од 1948 до 1955 година бил вработен во „Бетон“ во Скопје. Во овој период раководел со изведбата на фабриката за цемент „Шар" (1948-1952), фабриката за цемент „Усје" (1952-1955). Од 1955 до 1957 година работел во станбената задруга „Нов дом". Од 1957 до неговото пензионирање бил вработен во службата за надзор во Заводот за станбена изградба на град Скопје (сегашна „Македонијапроект“).
- Димитар Симонче
- Милован Ј. СмиљаниќМилован Ј. Смиљаниќ живеел и работел во Белград. Бил овластен градежен инженер и имал сопствено биро. Проектирал објекти од областа на домувањето. Негов проект е станбениот објект на д-р Лука Смилјаниќ во Скопје, 1932 година.
- Николај СолонцевАвторот Николај Солонцев бил руски мигрант, кој во граѓанската војна во Русија на почетокот од 1920 години доаѓа во Велес. Според истражувањата во Велес изградил седум куќи. Тоа се куќата на Шукареви и двете на Ѓоргови, исто така познато велешко трговско семејство. Се наоѓаат на 50 метри оддалеченост, сите во центарот на градот. Трите куќи се во жолта боја со украсни елементи од фабриката Левкови.
- Григорије Ташковиќ(1901 - 1962)Григорије Ташковиќ или Глигорие Ташковиќ (Битола, 3 јули 1901 – Њујорк, 21 август 1962) – битолски архитект. Ташковиќ е роден во 1901 година во Битола. Иако во редовното школување не бил најдобар ученик (полагал математика и историја во еден од класовите), матурирал во 1919 година со многу добар успех. Дипломирал на Техничкиот отсек на Великата школа во Белград во 1925 година по што се вратил во Битола и веднаш се вработил. На 18 октомври 1928 година склучил тригодишен договор како градски архитект во Битолската општина со плата од 30.000 динари годишно и по неговото истекување, во 1931 година побарал и добил раскинување на работниот однос. Во општинското Техничко одделение извесно време вршел и функција на негов шеф. Како прво негово дело се смета Земјоделското училиште во Битола изградено во 1927 година. Следната година заминал на усовршување за изградба на автопати и високоградба во САД. Имал бурен личен живот, се женел и разведувал неколку пати и имал повеќе деца. Се занимавал и со политика, станал сенатор во периодот 1938-1941 година, како и регионален претседател на Земјоделската партија. По ослободувањето бил затворен, успеал да побегне и животот и работата ги продолжил во Њујорк, САД. Од 1935 до 1946 година бил сопственик на градежна фирма со седиште во Скопје. Во тој период изградил многу објекти, како што се патишта, мостови, аеродроми, стоковни куќи и фабрики. Фирмата работела за Југославија, Бугарија, Турција во која биле вработени 3000-5000 работници за различни проекти. Тој го извршил сушењето на Пелагониското Блато околу Црна Река на површина од 30000 ха. Ташковиќ ги реализирал следните објекти: 1933 Меѓународниот автопат: Велес-Градско, Прилеп-Градско, Битола-Кичево, 1935 Мостовите на: Црн Дрим во Струга, Црна Река до Битола, Камениот мост на реката Црн Дрим во Дебар, бетонскиот мост во Велес над автопатот. 1937 Земјоделското училиште во Битола, 1938 Хидробиолошкиот институт на Охридското Езеро, 1939 Банската палата (денешно Собрание на Република Македонија), 1939 Железничката станица во Скопје. Негови авторски проекти се поединечна семејна куќа на Боро Николиќ, 1936 година, во Скопје, станбениот објект, на Глигорие Ташковиќ, 1939 година во Скопје.
- Глигорие Томиќ(1888 - 1971)Глигорие Томиќ (Крушево, 1886 - Белград, 1971). Дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничката велика школа во Белград во 1914 година. По дипломирањето го положил државниот испит и се здобил со право на овластен проектант. Тоа му овозможило да отвори сопствено проектантско претпријатие во Скопје, „Полет" кое активно работело се до 1941 година. Неговата проектантска дејност се развивала во повеќе насоки. Освен бројни проекти за индивидуални семејни куќи проектирал и објекти од трговски и јавен карактер, како и касарни и друг вид објекти како за Скопје, така и за другите делови на Македонија. Се јавува како основач и сопственик на ќерамичката индустрија „КИС" која успешно работела од нејзиното појавување се до 1939 година. По ослободувањето на земјата продолжил да работи како архитект во Железничкото транспортно претпријатие „ЖТП" во Скопје, од каде што преминал на работа во Министерството за градежништво на функцијата заменик началник. Забележителна е неговата активност и во доменот на пронајдоците каде што со успех регистрирал неколку оригинални патенти. Во 1953 година на ова поле се здобил со диплома за својот оригинален изум „Воздушен електричен прекинувач". Меѓу богатиот творечки опус на полето на станбената архитектура негови проекти во Скопје се индивидуалната семејна куќа на Џоџа Трипчанчевиќ, 1926 година, индивидуалната семејна куќа на Димитрие Настиќ, 1926 година, индивидуалната семејна куќа на Тасе Антиќ, 1926 година, индивидуалната семејна куќа на Милорад Димитриевиќ, 1926 година, индивидуалната семејна куќа на Мојсие Горѓевиќ, 1926 година, индивидуалната семејна куќа на Елена Анастасиевиќ, 1927 година, Домот „Ибни Пајко", 1937-1938 година.
- Коста Хаџиев(1902 - 1973)Непосредно по завршувањето на Првата светска војна матурирал во Софија во 1920 година. Тука живеел во семејството на својот тетин Кирил Прличев, син на нашиот познат преродбеник Григор Прличев. Како ученик своето образование го надоградил со стенографијата којашто во голема мерка му помогнала за подобрува-ње на својата материјална состојба. Од Софија заминал на студии во Виена. Тука дипломирал на Техничкиот факултет, хидротехничка насока, во 1926 година. Во Виена останал до 1932 година, а потоа се вратил во родниот град Охрид. Веднаш се вработил во градежната фирма на браќата Симончеви. Подоцна ја напуштил фирмата и бил назначен за главен околиски инженер. Неговата професионална активност всушност се одвивала во периодот пред Втората светска војна. Во почетокот се занимавал со проектирање на индивидуални станбени објекти, а потоа со помали енергетски објекти, меѓу кои и хидроцентралите „Рамне“ и „Песочани“ од кои градот Охрид за прв пат добил електрична енергија. Во тој период реализирал и неколку значајни инфраструктурни објекти во околината на градот. Почнувајќи од 1946 година, како реномиран стручњак бил вработен во „Електромакедонија“, „Електројуг“, Минис-терството за водостопанство на НРМ и „Електростопанство на Македонија“ каде што го завршил својот активен стаж во 1967 година. Негови позначајни проекти од доменот на хидротехниката се за хидроенергетските системи „Маврово", „Глобочица". „Шпиље" и други помали хидро-енергетски и хидромелиоративни системи („Бошков мост", струшко поле). Од областа на архитектонското творештво негови позначајни остварувања ce индивидуалната семејна куќа на Димитри Бошњаков, 1933 година во Охрид, станбениот објект на Горги Метулев-Белиќ, 1936 година во Охрид.
- Виктор Ј. ХудакРаботел во Кралевската банска управа за Вардарска бановина. Се јавува како ревидент на повеќе архитектонски проекти. Бил ревидент на проектот за Резервната калорична централа за Хидроцентралата „Св. Андреја“ во Скопје во 1933 година, чиј автор бил Милан П. Пеќинар. Негов проект е Банската управа во Скопје од 1938 година (денешното Собрание на РСМ).
- Часлав Јордановиќ Џорџевиќ