Црвен Крст

Објекти/
Објектот на Црвениот крст во Скопје е проектиран од архитект Јосиф Михајловиќ и е изграден во 1930 година. Објектот на Црвениот Крст во Скопје ја следи низата објекти во опусот на Михајловиќ, каде се среќаваат елементи на српскиот неовизантиски стил поставени врз едноставна фасада. Објектот е дел од периметрален блок, во низа, ориентиран кон булевар и има приземје, мезанин и два ката. Прилагодувајќи го објектот на уличниот фронт, тој обезбедил соодветен простор за јасна и чиста артикулација на фасадните елементи, од кои највпечатлив е геометризираниот "чардак" на првиот кат, кај кој традиционалниот кров со ќерамида е заменет со типичен модерен елемент на тенка хоризонтална плоча. Карактеристичен елемент е групирањето на прозорските отвори во хоризонтални ленти, издвоени од подлогата со употреба на боја и контраст. Приземната партија, централно, е рустично обработена со камен, сѐ до допирот со влезната партија и комерцијалниот простор симетрично поставени на двата краја на објектот. Независниот архитектонски израз, непристрасен во однос на обврзувањето кон традицијата се воочува преку фолклористичкиот третман на архитектонските елементи.
Период 1930-1939
Град / Општина Скопје / Центар
Адреса бул. „Кочо Рацин“ бр.13
Катност Пр+М+2
Типологија според оригиналната намена
Типологија според денешната намена