За проектот

„Мониторинг на македонското модернистичко наследство“ е проект кој го спроведува Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС. Тој претставува опсежен проект фокусиран на мапирање, анализа на состојбата и формирање на дигитален инвентар/база на податоци за исклучителните примери на модернистичкото наследство во нашата земја. Проектот предвидува квантитативно и квалитативно мапирање на објектите и нивна валоризација и интегритет. Проектот е поддржан од Фондацијата ALIPH како придружен партнер на European Heritage Hub, пилот проект кофинансиран од ЕУ и е реализиран во соработка со Здружението за архитектура МАРХ – Македонска архитектура.

Методологија

Теренските податоци од мониторингот се прибираат според посебно креирана методологија базирана на најдобрите светски практики и препораки за мониторинг на културното наследство, кои опфаќаат основни податоци за објектот; опис на оргиналната и моменталната состојба, вредности, односно нивото на зачуваност на автентичноста и интегритетот и препораки за идни мерки. Потоа, собраните податоци се слеваат во специјално дизајнирана база на податоци која е достапна за јавноста преку оваа веб платформа. Проектот имаше за цел да го прошири фокусот на национално ниво и да го опфати целиот модернистички период од почетокот на 20тиот век до 1990 година. Работната група за методологија ја подели оваа временска рамка на три периоди: 1920 –1945, 1945–1963 и 1963–1990. Во оваа фаза од проектот, напорите беа насочени кон најраната фаза (1920–1945), која ги опфаќа најранливите примери од раното модернистичко наследство.

Теренски тимови

Основната активност на проектот е теренскиот мониторинг и документација на модернистички објекти низ земјата, да се добие точен увид во нивната состојба на зачуваност и да се идентификуваат потребите од заштитни конзерваторски дејства. Проектот „ Мониторинг на македонското модернистичко наследство“ го спроведуваат стручни членови на ИКОМОС Македонија организирани во три теренски тимови. Секој од теренските тимови се состои од искусни експерти од доменот на заштитата на културното наследство (архитекти, конзерватори, историчари на уметност, градежни инженери) и членови од Здружението за архитектура МАРХ – Македонска Архитектура.

За Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС

Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС во Македонија е членка на Меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС со седиште во Париз. ИКОМОС е најголемата светска стручна невладина организација во сферата на заштитата и конзервацијата на културното наследство. Во фокусот на интерес на ИКОМОС е промовирањето на примената на теорија, методологија и научни техники за конзервација на архитектонското и археолошкото наследство. Во светски рамки, ИКОМОС брои близу 11.000 индивидуални членови во 151 земја; 300 институционални членки; 110 национални комитети (меѓу кои и Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС) и има 28 меѓународни научни комитети. Повеќе за Македонскиот Национален комитет на ИКОМОС на официјалниот вебсајт.

Учесници од проектот „Мониторинг на македонското модернистичко наследство“

Претседател на МНК ИКОМОС
Кристина Бицева

Менаџер на проектот
Мартин Ефремовски

Проектен асистент
Паолина Милушева

Теренски тимови
  • Сара Ничота
  • Анета Рибарска
  • Игор Кузмановски
  • Мартина Штериова
  • Паолина Милушева
  • Иво Лазароски
Развој на методологија
  • Ана Ивановска Дескова
  • Анета Рибарска
  • Мартин Ефремовски
  • Паолина Милушева

Фотографија
Борис Јурмовски

ПР и комуникација
Ивана Коцевска

Техничка поддршка
Никола Трајковски