Куќа на Александар Шукарев

Објекти/
Куќата на Шукарев се наоѓа во центарот на Велес истакнувајќи се на улицата со својата раскошно орнаментирана жолта фасада на која се забележливи aрт деко влијанија. Таа е дело на рускиот архитект Николај Солонцев и претставува една од неколкуте негови сочувани градби кои ги изградил во Велес во периодот од 1928-1933 година (се претпоставува дека е автор на седум објекти). Куќата има приземје и два ката. На приземјето во источниот дел на куќата имало дуќани, а на катовите - домување и оваа поделба е актуелна и денес. Различните намени на катовите се јасно видливи на фасадата која изобилува со архитектонска пластика изработена во штукатура, а има и теракотни елементи кои биле изработени од познатата фабрика за керамика на семејството Лефкови. Композицијата на главната фасадата е симетрична со два бочни ризалити, два балкони (помал и поголем) и нагласена атика позади која е скриен покривот. Впечатливи се и прозорските отвори особено во мезанинот над дуќаните кои се со специфични форми. И останатите две фасади имаат штукатурна обработка, но во поскромен обем.
Година на проектирање 1928
Инвеститор / Сопственик Александар Ацо Шукарев
Град / Општина Велес
Адреса Ул. „8 септември“ бр. 90
Катност П+2
Типологија според оригиналната намена
Типологија според денешната намена