Дирекција на Шумите / Министерство за Култура на РСМ

Објекти/
Објектот на Министерството на шумите е изграден во 1933 год. во централното градско подрачје, на улица „Ѓуро Ѓаковиќ“. Објектот во социјалистичкиот период се пренаменува во објект за Воената команда на град Скопје, во 1998 год. станува споменик на културата, додека од 2005 год., објектот е во функција на Министерството за култура. И покрај различните типологии, објектот ја задржува својата оригиналност. Доминацијата на објектот се воочува преку неговиот волумен, пространетост и висина во однос на соседните објекти, следејќи ги начелата на монументалниот академизам. Објектот е поставен на агол на блок, прекршен на три дела. Страничната фасада, ориентирана кон ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ е во низа со уличниот фронт, доминантна во нејзината должина, олеснета со ритмично поставени прозорски отвори, кои се развиваат во хоризонтала и вертикала. Фасадата кон споредната улица добива ист третман, но со многу пократка должина, на која се надоврзува внатрешниот двор. Главниот влез во објектот, скулптурално поставен и подигнат во високо приземје, е на самиот агол, кој е геометриски пресечен и остава впечаток на повлекување од улицата, со што формира плато пред самиот влез. Објектот се карактеризира со прочистена фасада, од која отстапуваат нагласените хоризонтални раздвојни венци.
Година на проектирање 1933
Град / Општина Скопје / Центар
Адреса ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61
Катност Су+П+2
Типологија според оригиналната намена
Типологија според денешната намена
Заштитен статус Има